Поранешен македонски амбасадор во Ватикан стана монах

од Nikola Popovski
81 прегледи

Поранешниот македонски амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши. Како што е објавено на веб страницата на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, на 27 мај, во навечерието на празникот Оддание на Воскресение, а воедно и денот кога Црквата го слави споменот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан отслужил вечерна богослужба, на која го замонашил проф. д-р Ѓорѓевски во чин мала схима, давајќи му го монашкото име Георгиј.

-Професорот Ѓорѓевски – сега јероѓакон Георгиј – е познат по своето длабоко богословско знаење, лична посветеност и несебична љубов кон Црквата. Неговото монашко и ѓаконско служење е сведоштво за соединувањето на науката и духовноста, на словото и молитвата, на умот и срцето, додаваат оттаму.

Ѓорѓевски е познат како поранешен амбасадор на земјава во Ватикан каде служеше од 2010 до 2014 година. Од 2004 година тој е професор на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ по предметот Православна теологија. Од 2000 до 2009 година беше и шеф на Кабинет на архиепископот г.г. Стефан.