Арсовска со порака до Обвинителството: „Дивоградбите се пријавени – време е за одговорност и итна акција“

од Марта Пешевска
19 прегледи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска јавно се обрати до Јавното обвинителство и правосудните институции со апел за итно постапување во врска со, како што вели, масовната појава на дивоградби во општина Чаир. Таа ја обвини обвинителската власт за молк и повика на конкретни дејства за заштита на правниот поредок и безбедноста на граѓаните.

„Јавното обвинителство и правосудната полиција се должни да постапуваат по непосредно забележување, по допрен глас или по поднесена кривична пријава. А до сега, сите овие основи се исполнети – имаме поднесени писмени пријави, информации по допрен глас и пријави до полицијата. И покрај тоа, нема никакво дејствување,“ нагласи Арсовска.

Таа предупреди дека во Чаир моментално има над 150 документирани и утврдени дивоградби, изградени неодамна – „не во 2011 година, туку сега,“ како што подвлече – со фалсификувани или без никакви градежни документи. Според неа, овие објекти претставуваат сериозен ризик за животот на граѓаните кои живеат во нив, бидејќи се без соодветен технички надзор, статика, хидрантска мрежа, планови за евакуација, паркинг и пристап.

Арсовска ги предупреди надлежните дека постои опасност од уништување на доказите во општината Чаир. „Имаме информации дека се врши систематско уништување на документацијата за фалсификати и дивоградби. Апелирам – итно да се обезбедат сите докази од општина Чаир пред да биде предоцна.“

Во објавата, таа исто така ги обвини Јавното обвинителство и некои институции дека со своето молчење дејствуваат како „ПР-алатка на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН“ и ги повика да се одважат и да постапуваат независно, согласно закон и интересите на граѓаните.

Оваа нејзина реакција доаѓа во контекст на се поинтензивната дебата за урбанистичкиот хаос во Чаир, но и како дел од поширокото политичко надмудрување со градоначалникот на општината, Висар Ганиу, и неговите поддржувачи.

Слични содржини