„Без вклучување на македонски претставник во бугарскиот Комитет за малцинства, нема да има уставни измени во Македонија“ – вака вчера премиерот Христијан Мицкоски испрати недвосмислена порака до официјална Софија. На прашањето на пратеникот од редовите на СДСМ Оливер Спасовски за деталите од сценаријата на кои работи власта за европскиот пат на Македонија, премиерот одговори дека се подготвува стратегија како да се надмине предизвикот кој го наметнала претходната влада со прифаќањето на Францускиот предлог, а при тоа да се заврши процесот. Лакмус тест за Владата е како ќе помине извештајот на европскиот известувач за Македонија во Европскиот Парламент, кој вклучува признавање на засебен македонски идентитет и јазик. Премиерот повика на национално обединување и политичко лобирање во Брисел.
Навидум се гледа придвижување во процесот кој е закочен подолго време. Оттаму се поставува прашањето дали извештајот на ЕП со „македонски јазик и идентитет“ е чекор кон уставни измени и дали може да се сфати како исполнување на еден од предусловите на домашните власти. Според поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, бугарските европратеници можат да си дадат свој глас во однос на Извештајот на ЕП за Македонија, но не можат да влијаат вон тоа како ќе гласаат другите над 700 европратеници за прашањето на идентитет и јазик и дали е тоа европска вредност.
-Македонија токму тоа го бара – многувековен национален идентитет и 80 години од кодифицирањето на македонскиот јазик. Во тој контекст, Македонија посаку од ЕП да се изјасни и да ја поддржи резолуцијата со мнозинство. За тоа не треба да има квалификувано мнозинство. Бараме Европа да каже што се вредностите – јазик, нација, идентитет. Бугарија може да гласа против, но тоа ќе биде малцинско гласање и нема да ја спречи резолуцијата. И Бугарија има свои пријатели во ЕП и нивните пратеници ќе лобираат, па ќе видиме каков ќе биде исходот, вели Ѓорчев за „Локално“.

Марјан Ѓорчев
Потенцира дека на тој начин ќе се исполни една од бараните гаранции на Владата.
-Оваа резолуција ќе допринесе клучните луѓе на ЕУ да посредуваат меѓу Македонија и Бугарија, како на пример Урсула Фон Дер Лајен, Антонио Кошта, потоа лидерите Емануел Макрон, Џорџа Мелони, Фридрих Мерц…Тие заедно со европските челници да се обидат да дејствуваат. Европската резолуција на ЕП е волја на европските народи и таа е владеење на правото. Тогаш би требало таа волја да ја пренесат на земјата-членка и земјата-кандидат и да се обидат да посредуваат и да кажат дека „еве при носењето на ваква резолуција, што би значело конкретно тоа за Македонија, а што за Бугарија…“. Бидејќи Македонија со тоа би добила гаранција за својот идентитет и јазик преку ЕП. Македонскиот јазик е меѓународно признат, но вака ќе биде потврден од ЕП – вредност што не може да се дискутира. Бугарија треба да се произнесе како понатаму. Сигурно Софија ќе инсистира со уставните измени во кои што ние би треба да ги внесеме Бугарите во Уставот, додека од наша страна би требало да се предложи рамноправност во дијалогот – признавање на правото на граѓанската организација ОМО Илинден –Пирин и пресудите од Судот во Стразбур да бидат признаени од бугарските судови кои што се облигаторни и треба да ги почитуваат. Така на еден начин да се постигне придвижување. ЕУ треба да им укаже дека непочитување на Европскиот суд за човекови права во Стразбур е непочитување на владеење на правото и можни понатамошни консеквенци, истакнува Ѓорчев.
Како што додава соговорникот, преку изгласувањето на Извештајот, официјален Брисел треба да ги доближи двете држави – ние да се согласиме на уставните измени, Македонија да биде рамноправна, но не може да не се грижиме за бугарските граѓани со македонска самосвест.
-Во 2004 година, во нивното чекорење кон ЕУ, Бугарија формираше Комитет за меѓуетнички прашања и во него има граѓански претставници од Ромите, Турците и Ерменците. Во тој контекст, треба и Македонците како признаена граѓанска организација преку ОМО Илинден – Пирин би можела да биде дел од тој Комитет. Тогаш и Македонец, веројатно Стојко Стојков или некој друг од претседателството на здружението би бил претставник и на таков начин би се постигнала рамноправност во насока на меѓусебно почитување меѓу двете држави. Тогаш веќе сосема е јасно дека со Бугарија ќе одиме во друг колосек на разбирање и добрососедство. Секогаш сум велел дека Македонија и Бугарија можат да одат напред, посочува екс-амбасадорот и жали што по наша грешка, како што вели, направивме страшни превиди со Договорот за добрососедство од 2017 година и самите си ја ставивме ногата во стапица, прифаќајки одредби кои што не верувам дека друга држава би ги прифатила.
-Ова е обид да се вратиме назад пред 2017 година кога имавме трговски обем од скоро милијарда, каде што туризмот беше во висока насока…Потоа се нарушија сосема нормалните и пристојни односи. Тоа е патот кој што треба да го одиме и последен обид нешто да направиме доколку е возможно, заклучува Ѓорчев.
Н.П.