Чаби Алонсо со сериозен став го презеде кормилото на Реал Мадрид и веднаш даде до знаење дека времето на пријателски односи и „привилегирани“ играчи е завршено. За разлика од неговите претходници Карло Анчелоти и Зинедин Зидан, кои имаа поблизок и попријателски пристап со фудбалерите, Баскиецот сака да воспостави строга дисциплина и јасна хиерархија во соблекувалната.
Неговата филозофија потсетува на ерата на Жозе Мурињо – лидерство, ред и одговорност. Алонсо без двоумење се одлучи на храбар потег и се ослободи од клупските икони Лука Модриќ и Лукас Васкез. Со тоа испрати силна порака до сите играчи: никој не е недопирлив, ниту поважен од тимот.
Уште од првиот ден, Алонсо јасно им ставил до знаење на фудбалерите дека сите се еднакви во неговите очи. Нема да има милост, нема да има фаворити – кој не ги следи неговите инструкции и не се дава целосно на теренот, ќе заврши на клупа или дури на трибините.
Според шпанските медиуми, пораката особено се однесува на напаѓачкото трио – Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор и Родриго. Иако Мбапе доминираше сезонава како најдобар стрелец во Ла Лига и добитник на Златната копачка на Европа, Алонсо смета дека неговата игра во одбраната не е на ниво и очекува повеќе. Што се однесува до Винисиус и Родриго, нивната форма во последниот дел од сезоната значително опадна, што е видливо и од статистиката.
„Ниту еден играч нема право да не трча или да не учествува во одземањето на топката. Секој мора да ги исполнува своите задачи. Периодот на привилегии за напаѓачите заврши – ќе мора да го дадат својот максимум или некој друг ќе го заземе нивното место“, се вели во написите на шпанските спортски медиуми.
Чаби Алонсо има јасна визија – тим во кој владее дисциплина, посветеност и целосна ангажираност. Реал Мадрид влегува во нова ера, во која нема место за апатија, туку само за работа, резултати и максимална посветеност.