Верници бараат втор кандидат за митрополит: Поддршка за епископот Партениј

од Марта Пешевска
51 прегледи

По предлогот на архиепископот г.г. Стефан за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, православни верници денеска се собраа на плоштадот „Македонија“ во Скопје, упатувајќи јасна порака – сакаат уште еден кандидат, и тоа епископот Антаниски Партениј. Тие истакнаа дека не се против новоназначениот монах Георгиј, туку само бараат можност за избор и послушаност на гласот на народот.

„Ние не протестираме, ова не е бунт. Ова е мирен собир на верници кои се чувствуваат како дел од живата црква. Народот е живата црква во Македонија. Имаме свој кандидат кој ги освоил срцата на многумина – тоа е отец Партениј. Не бараме ништо повеќе од тоа неговото име да биде вклучено во изборот“, рече Илија Ико Каров, еден од присутните.

Собирот следува откако неколку дена претходно, архиепископот Стефан го предложи монахот Георгиј – поранешен амбасадор во Ватикан и декан на Богословскиот факултет, кој неодамна беше унапреден во јероѓакон, а потоа и во јеромонах – за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Предлогот веќе е доставен до членовите на Синодот, а седницата за избор е закажана за 12 јуни.

Поддршка за епископот Партениј беше изразена и во Охрид, каде што верници организираа сличен собир. Движејќи се низ центарот на градот, извикуваа „Достоен“, барајќи токму Партениј да биде избран за нов духовен водач на епархијата.

„Не можеме да прифатиме духовност која доаѓа само од титула. Потребно е искуство, живот со народот, искреност и пожртвуваност. Ние го гледаме тоа во дедо Партениј, кој има илјадници духовни чеда. Тоа е духовна реалност, а не само формалност“, изјави верникот Благој Веселинов.

Верниците порачуваат дека ваквите собири се израз на љубов и грижа за својата Црква. Бараат нивниот глас да биде слушнат и велат дека за вистински духовен пастир не е важна само положбата, туку и животот во служба на другите.

Слични содржини