Уште еден европски лидер доаѓа во Белата куќа – дали Трамп ќе се ракува со него?

од Марта Пешевска
29 прегледи

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе отпатува во Вашингтон во среда навечер, а во четврток ќе има прва лична средба со американскиот претседател Доналд Трамп, објави германската влада. Портпаролот на германската влада, Стефан Корнелиус, истакна дека двајцата лидери ќе разговараат за важни теми, како што се војната на Русија против Украина, ситуацијата на Блискиот Исток и трговската политика меѓу двете земји. Средбата ќе вклучува заеднички ручек и прес-конференција.

Мерц ќе престојува во Блер Хаус, дел од Белата куќа резервиран за специјални гости. Двајцата државници веќе неколку пати разговарале по телефон откако Мерц стана канцелар на 6 мај, а според германските медиуми, тие меѓусебно се обраќаат по име и редовно разменуваат пораки.

Во интервју, Мерц рече дека не очекува напната атмосфера на средбата, иако Трамп во минатото имал тешки односи со други лидери, како украинскиот претседател Володимир Зеленски или јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса. „Нема да земам транквилизатори за да останам смирен, туку ќе водам нормален и разумен разговор со Трамп,“ изјави Мерц, додавајќи дека темелно се подготвува за средбата.

За потсетување, за време на својот мандат, Трамп често ја критикуваше Германија, земјата на своите предци, а еднаш дури и одби да се ракува со тогашната канцеларка Ангела Меркел.

Слични содржини