Британскиот премиер Кир Стармер најави сериозни инвестиции во вооружените сили на Обединетото Кралство, со цел да се создаде, како што ја нарече, „импресивна, интегрирана борбена машина“. Оваа најава е дел од новиот владин преглед на одбраната, кој ќе биде официјално објавен во понеделник.
Во текст објавен за весникот The Sun, Стармер истакна дека Велика Британија мора да биде подготвена за заканите од иднината. „Подготовката за заканите од утре значи да ги обединиме сите наши капацитети – од беспилотни летала, до артилерија, до човечка интелигенција – во една модерна и смртоносна борбена сила“, рече премиерот.
Според планот, владата ќе вложи 1,5 милијарди фунти за изградба на најмалку шест нови фабрики за одбранбена индустрија, со цел зајакнување на домашното производство на оружје и муниција. Со оваа инвестиција ќе се поддржи набавка на до 7.000 парчиња оружје со долг дострел произведено во Велика Британија.
Овие чекори доаѓаат како одговор на повикот за создавање „траен капацитет за производство на муниција“ што може брзо да се зголеми во време на криза. Со ова ново финансирање, вкупните трошоци за муниција во тековниот парламентарен мандат ќе достигнат 6 милијарди фунти, а ќе се создадат и околу 1.800 нови работни места низ целата земја.
Стармер исто така најави и зголемени инвестиции во бродоградба, технологија на беспилотни летала и сајбер-одбрана.
„Ќе ја прекинеме срамната практика на намалување на вооружените сили. Ќе инвестираме во сила што ќе биде поинтегрирана, поподготвена и посмртоносна од кога било. Велика Британија повторно ќе стане лидер во одбраната и силен столб на НАТО“, порача премиерот.
Со овој „радикален план“, како што го нарекува самата влада, Британија има за цел да ја зајакне својата воена моќ и да одговори на се поголемите предизвици на модерниот свет.