Пратеничката група на Левица, преку пратеникот и портпарол, Амар Мециновиќ денеска на прес-конференција најави предлог за измени на Законот за минимална плата со кој се бара зголемување на минималната месечна плата на 30.000 денари. Предлогот е изготвен во согласност со барањата на синдикатите и е одговор на тешката економска состојба во која се наоѓаат граѓаните.
„Ова го предлагаме веднаш по најголемото задолжување во историјата на Република Македонија – шест милијарди евра. За да се избегнат штетните ефекти од евентуални мерки на штедење, потребно е веднаш да се зголеми минималната плата. Сегашната минимална плата од 24.000 денари не е доволна за основна егзистенција, а граѓаните бројат денари и денови како да преживеат во услови на инфлација“, истакна Мециновиќ.
Тој истакна дека „од енергетската и корона-кризата, па наваму, видовме како профитот на најголемите компании расте“.
„Затоа товарот од економската криза мора конечно да го сноси бизнис-елитата, а не обичниот работник“, порача пратеникот.