Во Собранието на Република Северна Македонија денеска пристигна предлог-закон со кој се предлага прогласување на просторот околу законодавниот дом за таканаречена „безбедносна зона“. Иницијативата е поднесена по скратена постапка од пратеникот Африм Гаши и уште неколку други пратеници.
Според содржината на законот, кој веќе влезе во втората фаза на разгледување, во радиус околу Собранието ќе се воведат строги ограничувања. Ќе се забранат јавни собири, протести, манифестации, летање со дронови, како и било какви градежни активности и поставување инфраструктура.
Поточно, член 8 од предлог-законот предвидува забрана за:
– Секоја градежна активност;
– Поставување на линии и инсталации;
– Организирање протести, јавни собири и манифестации;
– Летање со дронови и други беспилотни летала над и околу Собранието.
Дополнително, сите веќе издадени дозволи за градба во предвидената зона ќе бидат укинати, а склучените договори за земјиште – раскинати.
Предлогот го поддржуваат и го потпишаа пратениците Беким Коку, Блерим Беџети, Борислав Крмов, Весна Бендевска, Никола Мицевски и Оливер Спасовски. За разгледување на законот е надлежна Комисијата за одбрана и безбедност.
Овој потег доаѓа во период на зголемени тензии и зачестени протести пред Собранието. Јавноста и дел од граѓанските организации веќе реагираат, предупредувајќи дека ваквиот закон може да значи сериозно ограничување на уставно загарантираните слободи, како што се слободата на изразување и правото на јавен протест.
Развојот на настаните ќе покаже дали предлогот ќе добие поддршка или ќе се соочи со отпор – како во Собранието, така и надвор од него.