Лидерот на Левица, Димитар Апасиев ги коментираше најавите околу предлог-законот за прогласување на просторот на Собрание за безбедносна зона. Вчера дел од медиумите објавија дека сите пратенички групи во Собранието се согласиле просторот да го прогласат со закон за безбедносна зона со што ефективно ќе треба да бидат забранети протестите пред законодавниот дом. Aпасиев демантира дека ќе бидат забранети протести.
„Ај да не бидеме незрели и наивни… Целта на Законот за безбедносна зона околу Собранието е да му ја НАЦИОНАЛИЗИРАМЕ приватната парцела на клиентот на Панче Тошковски (вмровска фирма која у време грујово си го “купила” тревникот позади парламентот кај Дом на АРМ, сакајќи да гради лепенка) – а не да се забрануваат протести. Согласно котите, булеварот пред Собрание си останува слободен за ПРОТЕСТИ. Не наседнувајте на секој спин, новинарска патка и „кромид вест“, мајке ми. Проверете. Прочитајте“, апелира Апасиев.
Како што претходно беше соопштено од страна на спикерот Африм Гаши, дополнителна причина за носењето на ваков закон е што една парцела во непосредба близина на Собранието пред 12 години стана сопственост, односно беше купена од а компанијата „Анго“ која на неа требаше да гради катна гаража. По години никаква активност на терен од страна на компанијата, изградбата на катната гаража се актуелизираше во втората половина на минатата година.
-Со Законот го решаваме само дворното место околу Собранието кое што беше во приватна соопственост и каде што требаше да се гради катна гаража. Ако го донесеме Законот, таа зона ќе биде прогласена за безбедносна и ќе ѝ припадне на државата, рече Гаши при презентацијата на извештај по повод една година од неговиот мандат.
Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 година, кога министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески. Фирмата „Анго“ ДООЕЛ парцелата од 2.455 квадратни метри ја купи за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра. Според деталниот план беше предвидено гаражата да има приземје и два ката, а влезот беше предвиден од кај пристапната улица помеѓу Собранието и Домот на АРМ.
Инвеститорот, „Анго“ ДООЕЛ, доби одобрение за градење во август 2014 година од Општина Центар, а Општината во 2018 година го поништи, затоа што изградбата не почна во предвидениот рок. Потоа инвеститорот се жалеше пред Управниот суд, и откако ја доби постапката, реши да продолжи да гради.