Бугарскиот парламент усвои резолуција со која јасно се потврдува официјалниот став на Софија – нема алтернатива за Македонија доколку не ги исполни договорените обврски во рамките на европскиот процес. Овој потег, според аналитичарите, ја потврдува длабоко вкоренетата позиција на Бугарија во однос на македонските евроинтеграции.
Поранешниот пратеник Сафет Бишевац во „24 Анализа“ коментира дека, и покрај одредени сигнали за добра волја од страна на ЕУ, реалноста е поинаква. „Само ако се погледнат ставовите на бугарските европратеници, ќе стане јасно дека тие не се индивидуални мислења, туку ставови на целото бугарско општество и државата. Оваа политика изгледа како да е веќе бетонирана“, вели Бишевац.
Од друга страна, професорот Владимир Божиновски истакнува дека македонските граѓани со години чекаат на конкретна поддршка од ЕУ. „Се надевам дека конечно ќе почувствуваме дека барем еднаш можеме да се потпреме на зборот даден од Брисел. Премногу пати ни беше кажано дека ова е последниот услов, а секогаш се појавуваат нови барања“, вели тој.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски оценува дека просторот за преговори околу веќе договорените документи е многу мал. „Ниту една страна нема волја да го менува веќе прифатениот т.н. француски предлог и придружните протоколи. Единствено што можеме да очекуваме е техничка имплементација и евентуално подобро објаснување на некои делови, но не и суштински измени“, објаснува Арсовски.