Новиот систем за наводнување на Спомен Костурницата и терените кај Железен мост е веќе уништен, пари фрлени во ветер – крадци и вандали пустошат јавен имот!

од Марта Пешевска
50 прегледи

Новопоставените системи за наводнување на Спомен Костурницата и спортските терени кај Железен мост биле мета на вандализам, соопштија од Јавното комунално претпријатие „Дервен“. Според информациите од претпријатието, целосно е оштетен системот за наводнување кај Спомен Костурницата – искршена е шахта, уништени се две електровентили, а украдени се вкупно 11 прскалки за вода.

Слична судбина го зафатила и системот во паркот кај спортските терени кај Железен мост, каде што се регистрирани повеќе украдени и искршени делови. Од ЈКП „Дервен“ изразуваат огорченост поради ваквите постапки, особено затоа што станува збор за нова опрема поставена со цел да се подобри изгледот и одржувањето на јавните површини.

„Жално е што наместо да ги чуваме и негуваме јавните простори, некои поединци се одлучуваат на уништување. Апелираме до граѓаните за поголема свесност и соработка – само така можеме да имаме чиста и уредена околина“, велат од претпријатието.

Случајот е пријавен и се очекува надлежните институции да преземат мерки за пронаоѓање на сторителите.