СДСМ денеска обвини дека додека премиерот Христијан Мицкоски зборува за силна економија, Македонија се наоѓа пред историски најсериозната економска и финансиска криза каква што не се памети во земјава од нејзиното осамостојување. Според најголемата опозициска партија, тоа што како „печурки никнуваат разноразни аналитичари кои зборуваат за некаков „економски раст“ е само потврда дека јавноста се подготвува за сериозна криза“.
Од партијата велат дека буџетот е пред целосен крах.
-Повратот на ДДВ за фирмите не се враќа. Фирмите, од најголемите извозници до малите бизниси, немаат поврат и ги трпат последиците. Немаат ликвидност, немаат пари за плати, се задолжуваат. Ова е прв јасен индикатор дека во државната каса нема пари.
Истовремено, земјоделците чекаат за субвенции што одамна требаше да ги добијат. Најавите за „рекордна поддршка“ се целосна лага, реалноста е дека нема пари на сметките на земјоделците. Пари за субвенции се должат на сточарите, производителите на раноградинарски производи, а проблеми имаат и оризопроизводителите. Без овие пари не само што нема „рекордна поддршка“ на земјоделците, туку има рекордно осиромашување и девалвирање на земјоделското производство со што Македонија се повеќе станува увозно зависна дури и за храна.
Доцнат плати во институциите. Вработените во образование, култура, дури и во дел од јавната администрација за прв пат во 35 години од осамостојување на државата не се сигурни дали на први ќе ја добијат нивната плата. Последен ваков случај е со доцнењето на платата во Министерството за внатрешни работи, обвини порпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, Владата ветуваше „нов економски циклус“, а денес – на половина година – има реализација под 20% на капиталните инвестиции што е најсериозен индикатор дека економијата не само што нема „историски раст“ туку е во сериозна стагнација.
-Тоа значи дека ништо не се гради, ништо не се движи економски. Ниту проекти, ниту вработувања, ниту локален развој. Единствен сериозен капитален проект во овој момент е Коридорот 8 и 10 започнат во времето на Владата на СДСМ. Да биде ситуацијата уште потрагична, една милијарда евра од Унгарскиот кредит кој треба да го враќаме сите во наредните две децении е потрошен на сервисирање на редовни обврски на државата, а не за економски и капитални проекти како што беше најавувано.
Она што е уште поопасно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја прикрие оваа катастрофа. Зборуваат за тоа дека „Македонија е економски тигар“, а проекциите за економијата покажуваат нешто сосема друго: економски раст од најмногу 2,8% во услови кога инфлацијата е над 3%. Тоа не е раст, тоа е негативен раст. Македонија не оди напред, туку тапка во место или уште полошо – се враќа назад, потенцира Кузеска.