Трендафилов: Намалувањето на прагот ќе ги раздели синдикатите и ќе фаворизира само еден

од Марта Пешевска
36 прегледи

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов во „24 Анализа“, изрази загриженост поради предлогот за намалување на прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 на 5 проценти. Според него, ваквата мерка ќе придонесе да биде фаворизиран само еден синдикат, што може да предизвика поделби меѓу работничките организации.

Трендафилов истакна дека сите законски измени кои влијаат на работничките права мора да бидат усогласени со синдикатите. Тој додаде дека ССМ секогаш ги застапувал интересите на работниците и дека не е во ред еден синдикат да се бори против останатите. „Намалувањето на прагот изгледа како уцена и ќе нанесе штета не само на ССМ, туку и на сите синдикати во земјата. Во Македонија сите имаат право да се борат за правата на работниците, а ние ќе се спротивставиме на секој обид да ни се наметнат решенија без наша консултација,“ изјави Трендафилов.

Од друга страна, пратеникот Бојан Стојановски ја поддржа иницијативата за намалување на прагот, објаснувајќи дека со ова ќе се овозможи повеќе синдикати да добијат право да учествуваат во одлучувањето. „Силата на синдикатите е токму во нивната бројност, а со ова решение им се дава глас на повеќе работници. Целта е да имаме квалитетен и отворен дијалог на сите нивоа, а за тоа имаме и поддршка од власта,“ рече Стојановски.

И претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески, смета дека намалувањето на прагот не претставува закана, туку напротив, е позитивен чекор. „Не е фер само еден синдикат да ги застапува интересите на сите. Ако повеќе синдикати бидат вклучени, ќе имаме поширока застапеност и поголема одговорност при носење одлуки,“ рече Ристески. Тој посочи и дека ова е прв пат ССМ да не добива поддршка од владата и дека во последните 30 години нема големи промени во синдикалната сцена. „Имало и критики кон ССМ и КСС, а во некои случаи сме биле сведоци на заминување на членови, што покажува дека синдикатите треба да се обноват и да се реорганизираат,“ додаде Ристески.

Слични содржини