Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска повторно обвини дека се спроведуваат наредби за девалвации и напади од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска го посочи името на Звонко Тасевски кој со одлука на Собранието е избран за член на Републичкиот совет за безбедност на 12.11.2024 година. Според градоначалничката, „Звонко обучува полицајци од МВР, каде треба да пријавам закани – тој напаѓа, навредува и девалвира жени по нарачка“. Притоа Арсовска објави фотографии на кои посоченото лице ја навредува во коментари на социјалните мрежи.
Aрсовска ги обвинува властите дека со докази за криминал, ги бараат сите можни изговори за да не влезат во општина пред таму да ги уништат сите документи.
„Сите НЕЗАКОНСКИ обиди за легализирање дивоградби им се фатени, нотирани и институционално се известувани 3 години, а фалсификатот со докази кои ги имаме го прават на 20.03.2025 година! Затоа што никој од вработените во град Скопје нема да дозволи некој да се богати со овој фалсификат, јас сум должна да ги заштитам и да не дозволам да се случува баш ова што се случува.
За заканите од криминалот на Ганиу, Меџити и Адеми зборувам јавно, а премиерот вели дека му е жал и да пријавам во МВР, но не сум била добра жена. Во исто време даваат наредба во штаб да ме напаѓаат, девалвираат и навредуваат по сите основи како човек и жена, но изгледа не им е јасно дека нема да се повлечам“, стои во најновата објава на градоначалничката на социјалните мрежи.
Арсовска вчера реагираше и на обвинувањата на ВЛЕН за незаконска градба во општина Сарај. Според Арсовска, сегашниот член на коалицијата која што ја обвинува, Мухамед Елмази бил член на Совет на град Скопје во овој мандат и истакнат член на ДУИ до септември 2024 година, кога, како што вели, претрпе магична трансформација и стана ВЛЕН за да го постават директор на државното НОМАГАС. Таа најави дека „ќе ја урне урбаната мафија“ и дека „воопшто не ѝ е гајле од која партија доаѓа“.