Денеска во Лемос, Општина Преспа – Грција, во присуство на министерот за внатрешни работи на Грција Теодорос Ливаниос, амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас, претставници на локалните самоуправи, се одржа настан во врска со воспоставување на граничен премин на областа Преспанско Езеро. Со тоа се означи започнување на БорПрес2 фазата на проектот кој на крај има за цел да воспостави нов граничен премин помеѓу Маркова Нога (Македонија) и Лемос (Грција) што ќе го намали времето на патување помеѓу Лемос и Ресен од повеќе од два часа на само 40 минути. Во проектот вреден над 7.7 милиони евра, 80% финансиран преку ИПА 3 програмата на Европската Унија се планирани реновирање на постојната полициска станица од македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на страна на Грција и развој на прекуграничната пешачка патека помеѓу селата Брајчино и Агиос Германос со цел промоција на еко-туризмот. Партнери во проектот се министерствата за внатрешни работи на Македонија и Грција, регионот Западна Македонија во Грција и општините Ресен и Преспа.
Според министерот Панче Тошковски, ова не е само почеток на инфраструктурен проект, туку реализација на заедничка визија – визија вкоренета во регионалната соработка, европската интеграција и трајното партнерство меѓу нашите две држави.
-Овој напредок не би бил можен без непоколебливата поддршка од Европската Унија преку инструментот за пристапна помош – ИПА и Програмата за прекуграничната соработка кои го овозможија потребното финансирање, техничка експертиза и можноста да црпиме сила од колективната европска цел во која поврзаноста, соработка и интеграцијата се витални столбови на мирот и просперитетот.
Силата на Европа лежи во нејзиното единство и во мостовите што ги градиме преку границите – а не во ѕидовите што ги подигаме меѓу нас. Преку проектот БорПрес2, ја претвораме таа цел во практично, мерливо влијание. Овој проект е доказ дека европската интеграција не е далечна аспирација – тоа е жив процес, вкоренет во опипливи резултати: подобри патишта, безбедни граници и подобрен квалитет на живот за граѓаните на кои им служиме, порачува министерот.
Во рамките на настанот, првиот полицаец во државата остварил и билатерална средба со министерот Теодорос Ливаниос на која разговарал за меѓусебната соработка и можно решение за побрз проток на патници и стоки на граничниот премин Богородица – Евзони. Вели дека продолжуваат и понатаму да градат мостови кои ќе ги поврзуваат луѓето, нациите и ќе придонесуваат за економската и културна соработка.