Во критична состојбата еден од повредените во трагедијата во Кочани. Уште 12 лица се сè уште во болница. Според првиот човек на ФЗО, Сашо Клековски, од тие 12, двајца се во Србија, двајца во Грција, двајца во Турција, еден во Словенија и пет се во земјата.
-Еден пациент сè уште, условно да кажам, е во тешка состојба, се наоѓа во Словенија затоа што одлучија да го рехабилитираат таму. Од другите кои се третираат, имаме 16 на плазма третмани збогатени со тромбоцити и без збогатување со тромбоцити, шест на Клиниката за пластична хирургија и десет во „Св. Наум Охридски“. На преврски и слични третмани има 38 повредени, во болниците „8 Септември, „Св. Наум Охридски“, „Аџибадем Систина“ и петмина во Кочани. На физикална терапија се 46 лица, од кои сите во Кочани, само едно лице е во „8 Септември“ бидејќи му се прават и преврски и физикална терапија, истакна Клековски.
-Одговорно тврдам дека Македонија има капацитет да организира понатамошен третман и рехабилитација на пациентите од трагедијата во Кочани, изјави директорот на ФЗО.
На трибината „Кочани е наш приоритет“, Клековски нагласи дека, според неговите информации, во моментов нема пациент кој треба да се лекува во странство. Изрази уверување дека сите потреби за дополнителна нега во кочанската болница во моментов се решаваат, истакнувајќи дека болницата има персонал и ресурси.
Клековски кажа дека според официјалните податоци, од 200 повредени, 187 биле регистрирани на болничко лекување, од кои 116 во странство, а 71 во Македонија.