Советникот во Советот на Град Скопје и привремен претседавач, Никола Пановски порача дека има замерки кон градоначалничката Данела Арсовска што претходно нема доаѓано на седница на советнички прашања и со тој однос кон другите советници, како што вели, на крај сите почна да се оддалечуваат од неа.
-Арсовска можеше да собере некоја група на дваесетина луѓе, меѓу кои бев и јас, кои ја поддржувавме за сите проекти. Ги гласавме ние, СДСМ не гласаше и не гласаше ВМРО-ДПМНЕ за сопствените проекти. Имаше смешни доаѓања на советнички прашања каде што констатираме дека ја нема, па ја бараме…Тоа се повторуваше и пресметав дека околу 10-15 илјади евра чини една таква седница која нема да се одржи. Се трошат пари, луѓето излегуваар од работа, доаѓаат служби, се троши бензин…Советниците од ВМРО-ДПМНЕ се виновни за тоа. Ние сме се мачеле некогаш со убедување да примат донации. Наредено им е да гласаат против за се. Добро велам: „Прочитајте, ова е донација“ од на пример, компјутери. Сме добивале донации од ЕУ и се изгласа на крај, но со многу мачење и поединечно гласање. До таму идеше работата, рече Пановски за катастрофалната состојба во градскиот совет и начинот на функционирање.
Пановски оценува дека доколку градоначалничката ги правеше сегашните активности лани пред парламентарните избори во месец април, ќе добиеше многу повеќе гласови.
-Таа е особа која не можете да ја фатите што мисли. Нема рационалност. Ова да го правеше лани, ќе добиеше гласови. Кога сме кај ВМРО-ДПМНЕ, сите јавни претпријатија и јавни установи ги водат управни одбори од нивни членови, не ги повлекле, додаде советникот во емисијата „24 анализа“, потенцирајќи дека пропадна фразата која ја користат функционерите од ВМРО-ДПМНЕ – „и брат да ми е, ќе го апсам“.
-Борбата против корупцијата заврши после ова. Нема промена во борбата после непреземање на мерки на вакви фалсификати со дивоградбите. За нецели три месеци падна во вода, дециден е Пановски.