Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно говореше за закочениот европски пат на Македонија и блокадите од страна на Бугарија. Мицкоски повторно упати жестоки обвинувања кон екс-министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
-Точно знаеше што правеше. Директно стави нож во плуќата на македонскиот идентитет и закова шајки, прифаќајки го францускиот предлог. Тоа нема да го заборавиме. Директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет. Ние секогаш ќе се бориме. Ефектите од борбата се гледаат. Немаме друга опција. Добиваме симпатии и се повеќе земји и високи политичари го одобруваат ова што го правиме. Нашите аргументи добиваат на гласност. Дали некои идни генерации ќе се соочат со нови Ковачевски, Османи и Маричиќ – сигурно, но тие се мудри и внимаваат и нема да дозволат да се ставаат шајки на македонскиот идентитет, кажа Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Запрашан за критиките од лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека Владата е авторитарна, премиерот вели дека ја слушнал неговата изјава од Атина и жали што се создало такво чувство кај него.
-Баш напротив, мислам дека поголема слобода во општеството од оваа една година што е, и во медиумите, не постоела. Треба да го прашате врз основа на кои критериуми и параметри носи ваков заклучок. Не мислам дека тоа е така. Дури и ако ги гледате извештаите од реномирани меѓународни институции, и од Репортери без граници, ќе видите дека во рамките на слободата ние напредуваме, а назадуваме во лажните вести и обидот да се спинуваат одредени вистини. Не знам како дошол до тој заклучок и можам да го советувам дека било која политичка изјава која доаѓа од некредибилна личност, тогаш тоа му се враќа како бумеранг и нема добар политички пи-ар за него и сосема погрешен, кажа Мицкоски и додаде дека изјавата на Филипче не ја чувствуваат граѓаните.