Мециновиќ: Славески тврди дека еспресо е 50 денари во Скопје

од Nikola Popovski
83 прегледи

Портпаролот на Левица и пратеник, Амар Мециновиќ вели дека загрижувачки се изјавите на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески кој што истакнал дека во Македонија има поголема куповна моќ од десетици европски држави.

-Тоа е срам и беда бидејќи во таа логика веруваат само десничарите кои имаат фирми и интерес за профит од економското живеење во Македонија. Тоа се изјави во кои можеби верувате и одговараат на отуѓената елита која владее во Македонија. Нашиот работник утре да има прилика би заминал од овде за било која од тие европски земји кои Славески ги набројува. Вели дека еспресо било 50 денари во Скопје…Сигурно…И гувернер да говори за тоа колку чини кафето е резултат на тоа што вие го изгласавте, почитувани десничари, рече пратеникот од собраниската говорница, тврдејќи дека властите одбиваат да ги зголемат платите на работниците.

Денеска на дневен ред на седница на Собранието е предлогот за измени на Законот за минимална плата со кој се бара зголемување на минималната месечна плата на 30.000 денари од 1 јули, поднесен токму од Левица.