Министерството за надворешни работи на Бугарија не ја прифаќа пресудата за претседателот на згаснатиот бугарскиот клуб, „Иван Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски, изречена вчера во Основниот суд во Битолa. Министерството потсетува дека Георгиевски е еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во Македонија и дека е бугарски државјанин.
Основниот суд во Битолa донесе одлука со која го осуди Ѓоргиевски на затворска казна од една година, со услов од две години да не го повтори кривичното дело, предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.
„Апсолутно е неприфатливо во земја која тврди дека е пример за функционална мултиетничка демократија, отвореното декларирање на припадност кон бугарскиот народ, почитувањето на бугарските национални симболи и херои и ширењето на автентична бугарска литература да бидат казнети со закана од затвор“, се вели во ставот на бугарското МНР.
„Нема сомнение дека пристапот на властите во Македонија, заедно со намерното создавање атмосфера на нетолеранција преку постојана антибугарска реторика, има за цел да всади страв од остварување на правото на слободно самоопределување, да ја маргинализира и стигматизира бугарската заедница“, додаваат од официјалната бугарска дипломатија.
Бугарија смета дека овој случај е уште еден показател за системското поткопување на човековите права на Бугарите во Македонија. Според нив, „пристапот на властите, во комбинација со постојаната антибугарска реторика, има за цел создавање страв и стигматизација на бугарската заедница“.
„Пресудата против Ѓоргиевски е јасен показател за недостатокот од независност, професионалност и непристрасност во судскиот систем на Северна Македонија, како што тоа веќе е нотирано од Европската Унија“, стои во реакцијата.
Министерството порача дека институционалното заплашување нема да го замолчи гласот на македонските Бугари и нивната легитимна борба за рамноправни права како граѓани на Македонија, во согласност со европските вредности. Бугарските институции, се додава, остануваат целосно посветени на заштитата на правата на Бугарите во земјава, вклучително и преку користење на сите достапни меѓународни механизми за заштита на човековите права.