Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го привлече вниманието со остри и провокативни изјави за ситуацијата меѓу Израел и Иран, нарекувајќи ги синоќешните напади врз Иран „многу успешни“ и предупредувајќи дека времето за преговори истекува. Во кратко интервју за Си-Ен-Ен, Трамп истакна дека САД стојат цврсто зад Израел: „Секако дека го поддржуваме Израел, и тоа како никој досега“, изјави тој.
Без прецизирање за кого станува збор, Трамп тврдеше дека некои од иранските преговарачи со кои порано разговарал „веќе не се живи“.
„Им дадов 60 дена да размислат. Денес е 61-виот ден. Луѓето со кои разговарав не се повеќе меѓу живите. Не ги уби ни грип, ни ковид“, рече тој со доза на сарказам, алудирајќи на тоа дека станале жртви на последните напади, без притоа директно да го потврди тоа. Трамп повтори дека Иран мора што поскоро да седне на преговарачка маса доколку сака да избегне понатамошна ескалација:
„Сега е моментот да се постигне договор. Подоцна ќе биде предоцна – за нив“, додаде тој. Од американската администрација, пак, официјалната позиција е поинаква. Државниот секретар Марко Рубио веќе изјави дека САД не учествувале, ниту помогнале во израелските напади. Иако не е јасно што точно подразбира Трамп под своите зборови, едно е сигурно – реториката на претседателот останува остра, директна и без калкулации, токму во момент кога тензиите на Блискиот Исток повторно се на работ на нов конфликт.