СДСМ: Обвинувањата кон Филипче се димна завеса за блискоста меѓу Мицкоски и осомничениот за трагедијата во „Пулс“

од Марта Пешевска
26 прегледи

СДСМ реагира со остар демант на, како што велат, „лажните обвинувања и манипулативни конструкции“ што изминативе денови доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ и се однесуваат на претседателот на СДСМ, Венко Филипче. „Јасно и гласно – Венко Филипче нема никаква поврзаност со Крмзов или со кој било друг лик од измислените сценарија што ги пласира ВМРО-ДПМНЕ“, порачаа од партијата, истакнувајќи дека целата кампања е обид за дефокус од многу посериозен случај.

Според СДСМ, нападите врз Филипче се директна последица на паниката и нервозата која, како што велат, владее кај Христијан Мицкоски и неговата партија, особено откако во јавноста испливаа информации за улогата на Александар Нацев – сопственикот на обезбедувањето „Рубикон“ и еден од осомничените за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 62 лица.

„Нацев не е обичен граѓанин, туку долгогодишен партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен член на Комисијата за одбрана и безбедност, делегат на конгресот на кој беше избран Мицкоски и редовен говорник на партиските собири. Постои повеќегодишна соработка и директна поврзаност меѓу него и Мицкоски – и на фотографии и во политичка пракса“, велат од СДСМ.

Партијата смета дека актуелната „црна кампања“ не само што е очајнички обид да се измести вниманието, туку е и директно признание за стравот од соочување со одговорност. „Вистината е болна, но едноставна – додека Мицкоски се обидува да создаде магла со лажни обвинувања, сѐ повеќе излегува на виделина вистинската врска меѓу него и човекот чие име стои зад најголемата трагедија што ја памети Кочани“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Слични содржини