ВМРО-ДПМНЕ започна обука за идните градоначалници: Фокус на локален развој и економски раст

од Марта Пешевска
13 прегледи

Во организација на Политичката академија (ПИАЦ) на ВМРО-ДПМНЕ и германската фондација КАС, денес започна дводневна обука за кандидатите за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и членовите на Извршниот комитет на партијата. Темата на обуката е „Одржлив локален развој за подобра иднина“, а настанот се одржува во пресрет на локалните избори што треба да се одржат оваа есен.

Официјалниот почеток на настанот го означија Даниел Браун, претставник на фондацијата КАС за Македонија, и Светислав Васев, раководител на ПИАЦ. Во своите воведни обраќања тие ја нагласија важноста од градење силни локални политики, кои ќе бидат во служба на граѓаните и ќе придонесат кон севкупниот развој на земјата.

Настанот го поздрави и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер на државата, Христијан Мицкоски, кој пред присутните порача дека локалните избори на есен се клучен момент за партијата. Тој изрази уверување дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари значајна победа, а како што рече, целта е партијата да управува со поголем број општини, „а СДСМ да остане и без една“.

Мицкоски зборуваше и за поширокиот контекст на економската и општествена трансформација на државата. Посочи на зголемен број туристи, раст на индустриското производство, како и засилени инвестиции и издадени одобренија за градба. Притоа истакна дека Владата има амбициозна, но реална цел – до крајот на мандатот бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија да надмине 20 милијарди долари, што, според него, ќе значи посилна економија и подобар стандард за граѓаните.

„Ова не е само наша политичка визија, туку заеднички проект за подобра иднина, во кој локалната самоуправа има клучна улога“, нагласи Мицкоски.

Обуки од ваков тип, според организаторите, ќе бидат сè почести во наредниот период, со цел да се зацврсти капацитетот на идните локални лидери и да се создаде мрежа на кадри кои ќе знаат како да ги препознаат и решат реалните проблеми на граѓаните.

Слични содржини