Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не сака да коментира за обвинението поврзано со случајот во Кочани и повиците од СДСМ за негова политичка одговорност.
Тој оцени дека станува збор за политички пораки од опозицијата и најави дека граѓаните ќе го дадат својот суд на претстојните локални избори.
„Цело време се трудам да не коментирам, работата е на Обвинителство. Генерално станува збор за политички пораки коишто доаѓаат од опозицијата. Одговорноста ќе ја видиме за три и пол – четири месеци од денеска, на локалните избори, што мислат граѓаните. Тоа што мисли СДСМ е една работа, а тоа што мислат граѓаните ќе го видиме многу скоро на избори. Доколку граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност, уште истиот ден тоа ќе го направам. Нема да чекам, како што беше тоа случај во 2021 година. Но, знам дека граѓаните не го делат истото мислење со СДСМ и останатите коишто се обидуваат преку некрофилска кампања да добијат некој политички поен, мислејќи дека така и мене лично и на Владата ќе ни нанесат штета и мислам дека тоа им се враќа како бумеранг но, за тоа ќе бидат уверени кога ќе дојдат локалните избори“, кажа Мицкоски на новинарско прашање денеска на манифестација во Општина Аеродром.