Макрон на Гренланд го критикуваше Трамп

од Nikola Popovski
41 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон денес ја критикуваше желбата за анексија на Гренланд, изразена од Доналд Трамп, и нагласи „европска солидарност“ со автономната данска територија за време на неговата посета на арктичкиот остров.

Макрон е првиот странски шеф на држава што стапна на територијата на Гренланд по заканите на Трамп за анексија. Тој пристигна во Нук околу 11:20 часот по локално време. Десетици жители на Гренланд го пречекаа мавтајќи со гренландски знамиња.

„Дојдов тука да ја изразам солидарноста на Франција и Европската Унија кога се во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на оваа територија и да разговарам за предизвиците што претстојат, имено економскиот раст, климатската криза и образованието“, рече Макрон во присуство на данската премиерка Мете Фредериксен и гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен. Тој им рече на новинарите дека не се согласува со желбата на Доналд Трамп да ја анектира таа автономна територија, нагласувајќи дека „ова не се прави меѓу сојузници“.

Макрон ја започна својата посета на Гренланд со посета на данска фрегата, а потоа се сретна со данските и гренландските лидери. Данскиот премиер ја поздрави оваа „конкретна демонстрација на европското единство“. Посетата на хидроелектраната финансирана од Европската Унија мораше да биде откажана поради лоши временски услови.

Францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро во неделата за радио RTL, кога беше прашан за посетата на Макрон, одговори дека Гренланд е европска територија и дека е нормално Европа и Франција да покажат интерес.

Населението на Гренланд е 57.000 луѓе, претежно Инуити. Тие отфрлаат каква било можност да станат дел од Америка, а Данска, исто така, истакнува дека Гренланд „не е на продажба“.

За време на неговата посета на Гренланд, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја обвини Данска дека „не работи добро за луѓето од Гренланд“, особено кога се вклучени економски прашања, и дека „не ја гарантира нивната безбедност“.

Соочена со притисок од сите страни, Данска објави дека ќе издвои две милијарди евра за зајакнување на безбедноста на Арктикот, а НАТО ќе воспостави Центар за команда и контрола на воздушните операции (CAOC) во Норвешка над Арктичкиот круг, додека Русија се стреми да ја консолидира својата воена моќ во регионот.

Слични содржини