Славески објави дека добивал навредливи коментари поради спроведување на непопуларни потези

од Nikola Popovski
74 прегледи

Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески сподели со јавноста дека во последниот период е мета на говор на омраза. Според него, како што вели, „доколку претендирате сите да ве сакаат, треба да продавате квалитетен сладолед по многу ниска цена“.

„Со мојот претходен пост од саботата (14 јуни) наутро укажав на ова. Само личности со доволна храброст, личен интегритет и висок КАПАЦИТЕТ ЗА АПСОРБИРАЊЕ ОМРАЗА можат да спроведат вистински реформи кои на среден и долг рок ќе го подобрат животот на граѓаните. За само триесетина часа по објавата, постот надмина 30.000 (триесет илјади прегледи). Од околу пеесетина коментари, триесетина беа со навредлива и вулгарна содржина. Ги разбирам анонимните коментатори, мора да си имаат некаква мака! Очекував многу повеќе негативни коментари. Сигурно ги има, се разлеале низ социјалните мрежи. Но, само триесетина навредливи коментари, полни со омраза?! Ве уверувам дека мојот КАПАЦИТЕТ ЗА АПСОРБИРАЊЕ ОМРАЗА е најмалку стотина пати повисок од тоа“, истакнува Славески на социјалните мрежи.

Тој притоа сподели примери од, како што вели, ризикот од спроведување непопуларни потези, кои за не така долго се покажале за исправни и најголемите противници ја прифатиле реалноста.

Гувернерот уверува дека ниту од новата позиција нема да застане со мерки и реформи во служба на јавниот интерес.

„Можеби кај некои ќе предизвикам омраза, но искуството ме научило дека без висок КАПАЦИТЕТ ЗА АПСОРБИРАЊЕ ОМРАЗА не може да се спроведе ниту една посуштинска реформа“, порачува Славески.

Народна банка била и ќе остане независна, додава новиот шести по ред гувернер на крајот на месец мај кога седна на новата функција. Славески дојде на челното место на Централна банка по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Славески на оваа позиција доаѓа од претседателското место во Советот на Град Скопје. Тој е и универзитетски професор на Економскиот факултет, а беше министер за финансии од 2006-та до 2009-тата година.