Во врска со угинатата женка мајмун од видот сијаманг, скопската Зоолошка градина известува дека точните причини за смртта ќе ги објават веднаш штом ги добијат официјалните резултати од обдукцијата направена од страна на стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, со цел поголема транспареност.
Оттаму ги демантираат шпекулациите дека женката сијаманг била бремена во моментот на угинување.
-Животните од скопската Зоолошка добиваат ветеринарен третман веднаш штом се појави било каков прв симптом или аларм дека можеби се болни или имаат некаква повреда.
Нивната благосостојба постојано будно се следи од страна на вработените во Скопје ЗОО, а благодарение на Факултетот за ветеринарна медицина имаме пристап до најсовремено лекување, дијагностицирање и третман на животни.
За жал, како и кај луѓето, така и кај животните, не секогаш може да се избориме со некои заболувања, иако се преземени сите можни здравствени мерки, нагласуваат од Скопје ЗОО.
Претходно советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Стефан Кирков објави дека продолжува хоророт.
„Пред неколку дена, починала млада женка од врстата сијаманг – еден од најретките и заштитени видови на мајмуни во светот. Дополнително трагично е што се работи за бремена женка“, напиша Кирков на социјалните мрежи.
Тој обвини дека директорот на Зоолошката, Попов, како и неговиот заменик Стаменов, молчат за случајот.
„Истиот тој Стаменов кој закла коњи и против кого е поднесена кривична пријава, сега продолжува да раководи со ЗОО“, додава Кирков. Според негови, како што вели, неофицијални информации, мајмунката била тајно носена во приватни ветеринарни ординации, без транспарентност и без јавноста да биде информирана за нејзината состојба.