Кај Македонците се уште постои голем интерес за купување на недвижности на море. Освен Грција, која подолго време е тренд кога станува збор за купување на станови и куќи на море, последниве години нашите граѓани се свртеа и кон Албанија. Албанија доживеа бум во туризмот, а Македонците не ја испуштија можноста да купат поевтини станови додека цените беа пониски. Од агенциите за недвижности кои ги контактиравме велат дека сега и таму цените на становите и куќите се качија и не се така евтини како пред короната.
-Ние во нашата понуда имаме станови и куќи за продажба во Албанија. Станува збор за станови во луксузен ресорт „Влора Марина„ кој се наоѓа во Валона. Рестортот е во непосредна близина на марината, становите се од 70 до 300 метри квадратни, а цените се движат од 2.500 евра па нагоре. Становите се со поглед на море, покрај плажата на ресортот во близина има други природни плажи, шеталиште, ексклузивни хотели со 5 ѕвезди, премиум ресторани и „life style” центри, вели за „Локално“ Игор Панчевски сопственик на Агенција за недвижности.
Освен становите Агенцијата нуди и вили кои се наоѓаат во ресортот „Green Coast“ во близина на Дерми. Станува збор за луксузни вили со поглед на море и со површина од 170 до 345 метри квадратни. Становите се продаваат од 400 илјади евра па нагоре. Во ресортот има шопинг центри, хотели и објекти за други активности.
Панчевски вели дека поголем интерес има за купување на апартманите, а помал за вилите пред се поради цената.
Многу Македонци имаат купено станови на море во Грција и Албанија кои ги ги користат за одмор и ги издаваат. Од агенциите велат дека купување на недвижности на море се покажа како доста добра инвестиција која најбрзо се враќа. Особено искористија оние граѓани кои купија станови и апартмани пред короната кога цените беа далеку поевтини од сега. Од агенциите за недвижности велат дека пред короната во Грција можеше да се најде апартман и за 20 илјади евра, а сега цените се повеќе од двојно зголемени.
-Имаме побарувачка за станови, а најмногу се бараат станови во Солун. Цените зависат од локацијата од тоа дали се работи за нова или стара градба, дали е опремен, дали има поглед на море…Има сатнови кои се продаваат по 3.000, 3.500 евра, а поубавите станови во нови згради во ценатрот на Солун се продаваат и по 4.000 евра за метар квадратен, велат за „Локално„ од една скопска агенција за недвижности.
Од Агенцијата додаваат дека имаат и вили на Халкидики кои во зависност од локацијата се продаваат од 250 до 300 илјади евра, а комплетно опремените одат и до 350 илјади евра.
Има интерес и за Црна Гора, но последниве години тој е намален. И таму цените на становите се движат околу 3.000 евра за метар квадратен, а на куќите од 200 илјади евра па нагоре во зависност од локацијата и состојбата во која се наоѓа.
Б.С.