ВМРО-ДПМНЕ: Кога ќе зборува Филипче, јавноста слуша ехо од Дубаи

од Nikola Popovski
16 прегледи

Кога ќе зборува Филипче, јавноста не слуша план, туку ехо од Дубаи – вака од ВМРО-ДПМНЕ ги коментираат вчерашните зборови на лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој се огласи по говорот на Христијан Мицкоски по повод 35-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата во своето соопштение испрати низа критики кон претседателот на СДСМ:

„Човекот кој четири години беше дел од најрасипничката и најкорумпираната власт во историјата на Македонија, сега од удобната опозициска фотелја се осмели да зборува за работа?! Па токму Филипче беше симбол за „ништо не работеше“ – освен кога се делеше тендер, договараше провизија или се распарчуваше здравството!

Христијан Мицкоски и Владата ја презедоа државата во најтешка можна состојба – оставена во долгови, со уништени институции, со криминализирана администрација и со економија на колена. И наместо да навива против Македонија, Филипче конечно треба да го прифати фактот: времето на шминка, лажни пресови и празни флоскули заврши“, посочуваат од партијата на Мицкоски, додавајќи дека „работат и ќе работат, но, не за фотосесии или спотови, туку за народот“.

„А ти, Венко – одмори. Плажите во Дубаи повторно чекаат“, додаваат од „Белата палата“.

Филипче остро го нападна премиерот, нарекувајќи го симбол на неисполнети ветувања, политичка хипокризија и опасни амбиции за авторитарно владеење. Во своето обраќање на Фејсбук, а откако Мицкоски го нарече предавник, Филипче го оцени слоганот „Најдоброто допрва доаѓа“ како навреда за интелигенцијата на граѓаните.

„Што допрва доаѓа? Не беа доволни четири години локална и една година централна власт за да се види барем еден резултат?“, праша тој, обвинувајќи го Мицкоски за лаги и неспособност.

Тој го прозва Мицкоски и за, како што рече, „тајниот договор со Бехтел и Енка“, прашувајќи зошто уште нема тужба, и кој се вградил со проценти, откако Трајко Славески признал дека цената ќе порасне од 1,3 на 2 милијарди евра.

Слични содржини