САД креваат раце од Македонија и Балканот? „За власта помала американска активност ќе значи поголема слобода, но и поголема одговорност за надворешната политика“

Аналитичари за „Локално“: Македонија и Балканот не се, а во догледно време, нема ни да бидат во фокусот на надворешната политика на САД

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Американците креваат раце од Балканот, а со тоа и од Македонија? Ова прашање се поставува во последните денови откако Кристофер Хил, поранешен амбасадор на САД во Србија, рече дека не очекува САД да интервенираат во решавањето на проблемите во овој дел од светот. Како што нагласи, ова го вклучува и „спорот меѓу Белград и Приштина“, како што САД правеа во минатото. Тој верува дека Америка ќе вложи напори да им кажат на земјите на Балканот да почнат да ги решаваат своите проблеми.

Ваквиот став ги намалува шансите за евентуално посредништво и решавање на спорот со Бугарија и закочениот европски пат на Македонија откако земјава се обврза да ги спроведе уставните измени. За дел од аналитичарите, пораките од Хил Кристофер Хил укажуваат дека неопходно е да сфатиме дека Македонија и Балканот не се, а во догледно време нема ни да бидат во фокусот на големите сили, а особено нема да е во фокусот на надворешната политика на САД. Според, експертот на безбедност, Александар Илиев, тоа значи дека тие нема да вложат значителни напори за решавање на предизвиците за Балканот туку ние треба да сме носители на решавањето на нашите внатрешни и меѓусоседски проблеми.

Александар Илиев

Наведува дека дали следните четири години ќе има напредок во односите меѓу Бугарија и Македонија зависи повеќе од нас и Софија, а многу помалку од ЕУ и САД.

-Исто така, вреди да се истакне дека односите не се „замрзнуваат“ и не остануваат исти, туку поверојатно е истите или да се подобруваат или да се влошуваат. Доколку не постои честа и квалитетна комуникација и доколку нема соработка меѓу Бугарија и Македонија односите најверојатно ќе се влошуваат. Доколку не преземат иницијатива политичките субјекти кои се за соработка, во политиката и медиумите ќе доминираат оние кои сакаат конфронтација и се против ЕУ интеграциите на нашата држава. Затоа доколку се посакува подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија нужно е да се вклучат нови лица кои ќе понудат нови креативни начини за комуникација и соработка меѓу двете земји, вели Илиев.

Соговорникот оценува дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ веројатно посакуваше администрацијата на Трамп да има повеќе време за Балканот, земајќи ја во предвид идеолошката близината со истата. Сепак тврди дека помалата ангажираност на САД на Балканот веројатно ќе биде заменета со позначајна улога на Германија.

-Новата влада на Германија, водена од Фридрих Мерц, искажа намера Германија да ја претвори во економски, воен и политички лидер на Европа. Меѓутоа и за Германија приоритет се заканата од Русија, економскиот натпревар со Кина и технолошкиот натпревар со САД и Кина, а не билатерални односи меѓу две земји членки на НАТО. Оттука, за владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, помала активност на САД ќе значи поголема слобода, но и поголема одговорност за надворешната политика, тврди Илиев.

Порачува дека Балканот не е сам, a во моментот ризикот од конвенционална војна е минимален. Повеќето земји на Балканот се членки на НАТО и/или ЕУ, истите се меѓусебно економски зависни и се силно економски зависни од ЕУ. Важно е и тоа што земјите од Западен Балкан имаат и ограничени воени способности.

-Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ би имал решавачко влијание за намалување на веројатноста за конфликт на Балканот. Меѓутоа, дури и доколку нема напредок во ЕУ интеграцијата, присуството на сили на НАТО и ЕУ во Косово и Босна и Херцеговина ја намалуваат веројатноста за воен конфликт. Сепак, не треба да се потценуваат и дестабилизирачки фактори на Западен Балкан како национализмот, меѓуетнички тензии, нерешените односи меѓу Србија и Косово, кризата во Босна и Херцеговина, како и влијанието на Русија. Најголем ризик за воен конфликт постои меѓу Србија и Косово, а загрижувачка е и состојбата во Босна и Херцеговина после осудувањето на Милорад Додик за непочитување на одлуките на Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит. На крај, може да се заклучи дека Балканот не е сам, бидејќи поголем дел од Балканот е во НАТО и ЕУ, а сили на ЕУ и НАТО се во Косово и Босна и Херцеговина со цел спречување иден воен конфликт. Оттука, државите од Западен Балкан сеуште се во меѓународен контекст кој им дозволува да најдат мирни решенија за внатрешните и меѓусоседските спорови, анализира Илиев.

За поранешниот амбасадор и дипломат, Нано Ружин, т.н. индиферентност на САД на Балкакот е сосема разбирлива бидејќи во светот има многу позначајни настани како што е војната во Украина, проблемите во Газа и конфликтот меѓу Израел и Иран. Глобалната ориентација на Трамп според него е повеќе да се занимава со американските домашни теми и проблемот со миграција и едноставно САД немаат ниту време ниту амбиции да интервернираат во „локални“ проблеми.

Нано Ружин

-Самиот чин што беа укинати голем број на фондови од страна на администрацијата на Трамп покажуваат дека САД повеќе се свртени кон глобални и сопствените проблеми. Не можеме да очекуваме дека во следните три години, Америка ќе покаже поголем интерес за Западен Балкан и Македонија, оценува Ружин.

Околу македонското-бугарско прашање, соговорникот вели дека актуелнат власт е повеќе заинтересирана за прашања со кои што нема да губи дел од својата поддршка и во таа насока Владата се однесува како што мислат широките народни маси.

-Тоа е опасна политика и секако понекогаш треба да се има визија и храброст. Можеме и понатаму да губиме во трката кон ЕУ и затоа сега како ќе се рефлектира на интеграцијата. Ние тешко ќе го стигнеме следниот бран на проширување, истакнува Ружин.

Според него, владеачката партија полагаше многу надежи во политиката на Трамп и неговата поддршка за проблемите со соседот.

-Можеби се остава еден бришен простор во кој што можат да ги вршат сите потези кои сметаат дека нема да предизвикаат големи реакции на меѓународната заедница. Живееме во еден период кога светот е во одредени големи трансформации. ЕУ исто така не е многу афектирана од Западен Балкан. Таа со поголема желба би сакала Украина да биде пред Западен Балкан во европското семејство затоа што таму се ретките минерали, земјоделските капацитети, најплодната почва во светот…Се плашам дека ќе бидеме маргинализирани во тој контекст. Прашање е како актуелната влада ќе се однесува по ова прашање. Засега нема желба за поголема ангажираност за јакнење на нашите позиции во ЕУ. Се навикнавме Брисел да биде индиферентен, ние исто така. Како и да е, генерациите пред нас ќе ги ценат овие процеси, заклучува поранешниот амбасадор.

Н.П.

Слични содржини