Лекари од Израел не можат да дојдат, се очекува експерт за ампутации од Словенија за повредените од Кочани

од Nikola Popovski
100 прегледи

Очекуваме во следниов период да дојде експерт за ампутации од Словенија за да се погледнат опциите за третман на повредените кои имаат ампутации на прсти. Ова денеска го соопшти на прес-конференцијата во Влада, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, зборувајќи за најновите информации во врска со повредените во пожарот во кочанската дискотека.

– Дополнително на тоа, за да излеземе во пресрет на потребите на повредените, одобривме контролни прегледи во Пирогов за пациенти, повредените, кои сакаат да бидат контролирани во Пирогов. Во моментов, тоа се шестмина повредени лица. Иако ние апелираме, упатуваме дека најдобро место за третман е Кочани, нагласи Клековски.

Тој рече дека се на пат и се консултираат со експерти од Белгија кои биле тука во првата фаза, да дојдат на една проценка за да се види за натамошни, долгорочни чекори, вклучувајќи устанување на потребата доколку е потребно лекување во странство во некоја од наредните фази на третман на повредените.

Клековски појасни дека во кочанската болници десетина повредени примија иновативна ПРП-терапија – плазма збогатена со тромбоцити. Одморалиштето „Пониква“ е подготвено за прием на повредените, но Клековски рече дека поаѓањето на првата група пациенти било одложено за наредните денови, на нивно барање, бидејќи ja примале споменатата терапија.

Директорот на ФЗО информираше и дека поканети биле лекари-експерти од Израел за повредените, но оттаму нема полетувања заради тамошната новонастаната состојба, па тоа ќе се одложи на неодредено време.

Слични содржини