Пакистан објави на социјалните мрежи дека американскиот претседател Доналд Трамп треба да ја добие Нобеловата награда за мир за 2026 година „како признание за неговата одлучна дипломатска интервенција и клучна лидерска улога за време на неодамнешната криза меѓу Индија и Пакистан“. Трамп долго време тврди дека одиграл клучна улога во деескалацијата на конфликтот, и покрај постојаното негирање од страна на индиските власти.
Номинацијата дојде откако вчера Трамп беше прашан од новинарите за Нобеловата награда, на што тој одговори дека треба да ја добие од повеќе причини, вклучувајќи ги Србија, Косово, неговиот ангажман во односите меѓу Индија и Пакистан и договорот за прекин на непријателствата меѓу Демократска Република Конго и Руанда, кој планира да го потпише во понеделник.
„Требаше да ја добијам четири или пет пати“, рече Трамп. „Тие нема да ми ја дадат Нобеловата награда за мир затоа што ја даваат само на либерали“.
Трамп се пожали дека нема да ја добие Нобеловата награда за мир за „запирање“ на војната меѓу Индија и Пакистан или за неговите напори за војната во Украина и тензиите меѓу Израел и Иран.
Во објава на неговата платформа Truth Social, Трамп напиша: „Нема да ја добијам Нобеловата награда за мир, без разлика што правам“.
Тој во објавата вели дека е „многу среќен“ што може да извести дека тој, заедно со државниот секретар Марко Рубио, преговарале за „прекрасен“ мировен договор меѓу Конго и Руанда, чија војна е позната по „насилство, крвопролевање и смрт, дури и полоша од повеќето други војни, и трае со децении“.