Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети денеска на прес-конференција изјави дека албанскиот јазик брутално се деградира, дека законите се испраќаат само на македонски јазик, патоказите се менуваат, а повеќе од 78 институции го игнорираат законот за употреба на албанскиот јазик и се обидуваат да го укинат статусот на Инспекторатот за јазикот, каде што вработените веќе со месеци немаат плати.
-Целта е јасна, да нѐ натераат да молчиме, изјави координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Беџети.
На прес-конференција во законодавниот дом, тој рече дека од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ биле иницирани 18 предлози за укинување на секој закон којшто ја штити еднаквоста.
-Балансерот е укинат, вработувањата се фаворизираат за македонската етничка заедница, оправдувајќи се со лажна меритократија што ги потценува Албанците, смета Беџети.
Според него, унапредувањата се даваат само за припадници на ВМРО-ДПМНЕ и нивните македонски коалициони партнери.
– Законот за правично застапување е блокиран или поточно преку процесот 10 месеци со висока тајност, утре се очекува да се донесе предлог закон кој не е за застапување, туку за понижување и целосно деградирање на клучниот столб на Охридскиот договор, правичното застапување на Албанците и другите етнички заедници. При носење на одлуки, Албанците се целосно игнорирани, посочи Беџети.