Kомитетот за надворешни работи на Европскиот парламент денеска гласа за Извештајот за напредокот на Македонија на известувачот за земјава Томас Вајц. Извештајот, првично требаше да биде ставен на гласање на 4-ти јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваат со тоа што во документот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет.
Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати за извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот, и побара одлагање на гласањето.
Во извештајот на Вајц се нагласува потребата од одржување на кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се посочува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Се повикува на брз напредок во преговорите за членство во ЕУ и спроведување на уставните измени.