ВМРО-ДПМНЕ: Освен Бугарите кои се членови на ЕПП, нашите сестрински партии гласаа „ЗА“ Извештајот на Вајц

од Nikola Popovski
64 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ дека изнесуваат невистини околу гласањето за предлог-извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент.

„СДС повторно фатени во лага! Овој пат, лажат дека членовите на нашите сестрински партии од ЕПП денес гласаа против, бидејќи јасно се гледа на фотографијата подоле, дека освен Бугарите – другите гласаа ЗА. Бугарите, добија поддршка од социјалдемократите, благодарение на СДС и нивните заложби, да гласаат против Македонија. Наместо да ја поддржат борбата на ВМРО-ДПМНЕ за достоинствено претставување на државата во Европа, СДС се сити и сака да ја гледа Македонија во неуспех“, порачаа од најголемата владеачка партија преку соопштение.

Претходно опозицијата реагираше на потегот на Европската народна партија (ЕПП), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го „директен историски дипломатски пораз за Христијан Мицкоски и неговата партија“. Според СДСМ, предлог-амандманот од ЕПП, кој предлага формулација „модерен македонски јазик“, претставува сериозен удар врз позициите на Македонија и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ. Амандманот е поднесен од координаторот на ЕПП, Михаил Галер, член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ ја смета за стратешки и идеолошки партнер.

Пред гласањето, претседателот на Комитетот ги осуди нападите кон известителот Томас Вајц кои дојдоа од бугарски европратеници, кои реагираа на референците со кои се потврдуваат македонските идентитет и јазик.