Челси и Манчестер Јунајтед би можеле да направат изненадувачка размена – Кристофер Нкунку и Алехандро Гарначо. Аргентинското крило на „Црвените ѓаволи“ не се вклопува во плановите на Рубен Аморим, со кого влезе во конфликт на крајот од сезоната, а неговиот клуб бара нов тим. Челси покажа интерес за него уште во јануари, па затоа не е изненадувачки што Лондончани сакаат да ја искористат ситуацијата.
Нкунку, од друга страна, така и не успеа да се избори за место во стартната постава на Челси, а Енцо Мареска го користи главно во натпреварите од Конференциската лига. Французинот има само девет натпревари како стартер во Премиер лигата и три гола. Инаку, неговиот договор со „сините“ е до 2029 година.
Според информациите од „Екип“, претставници на Манчестер Јунајтед се сретнале со агентите на Нкунку во последните денови. „Црвените ѓаволи“ веќе потпишаа со Матеус Куња и штотуку дадоа нова понуда за напаѓачот на Брентфорд, Брајан Мбему. Јунајтед сè уште не доставил официјална понуда до Челси за Нкунку. Французинот пристигна на „Стемфорд“ Бриџ во летото 2023 година за 53 милиони фунти.