Косовската агенција за земјоделство и ветеринарство објави дека увозот на живи овци и кози од Македонија е забранет, откако беше потврдено присуството на болеста „син јазик“.
Во соопштението се наведува дека ова е направено за да се спречи ширењето на болеста.
Агенцијата апелира до сите земјоделци кои пуштаат добиток во пограничните области со Македонија, да ги држат своите стада под надзор и да избегнуваат контакт со животни од земјава.
„Сите надлежни органи треба да помогнат во почитувањето на строгите рестриктивни мерки за движење на ситен добиток на пасиштата во граничната зона. Земјоделците кои чуваат овци и кози треба да ги следат наредбите за да го одржат здравјето на своите стада“, се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека „синиот јазик“ ги погодува домашните преживари, говедата, овците и козите. Од нив, овците се најчувствителни, по што следуваат козите и говедата. Клиничките знаци и смртни случаи се јавуваат само кај овците. Говедата служат како резервоар на болеста.
„Болеста не се пренесува од животни на луѓе, ниту пак се пренесува од животно на животно. Агенцијата за храна и ветеринарство е на терен за строго следење на мерките што се во сила и спречување на ширењето на болеста во нашата земја. Ги молиме земјоделците да ги почитуваат мерките за забрана и веднаш да го известат ветеринарот за секоја промена во здравствената состојба на животните во стадото“, објаснуваат од косовската Агенција во соопштението.