Ако нема законски измени од септември останува процентуалното зголемување на пензиите?!

од Nikola Popovski
677 прегледи

И покрај најавите дека можно е линеарно зголемување на пензиите, сепак од септември се враќа старата методологија на усогласување на пензиите во однос на порастот на трошоците за живот во висина од 50 отсто и порастот на просечната плата во висина од 50 отсто. Како што изјавија од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија додека не се донесат законски измени не се знае точно колкаво ќе биде зголемувањето на пензиите. Оттаму велат дека заврши зголемувањето на пензиите од 5.000 денари и од септември ќе се применува законското решение.

-Заврши зголемувањето на пензиите од 5.000 денари што го вети власта и од септември се враќа зголемување на пензиите согласно законската регулатива. Се додека не се промени постојното законско решение не се знае за колку ќе се зголемат пензиите. Засега можеме само паушално да зборуваме. Ако се измени Законот за пензиско и инвалидско осигурување ќе знаеме точно колкаво е зголемувањето и дали ќе остане старата методологија или ќе се земе некоја средна вредност од пораст на трошоците и на платите, односно ќе се примени некој комбиниран модел, изјави за „Локално“, Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.

Според Трајкова, и во август да се направат законските измени новото законско решение ќе може да се примени при исплатата на септемвриските пензии.

Станка Трајкова

-Септемвриските пензии се исплаќаат во октомври што значи дека властите имаат време да ги направат законските измени. Теоретски и доколку не стигнат во август можат измените да ги направат и во септември. Ако не се извршат измени, тогаш пензиите ќе се зголемат според постојната законска регулатива, односно процентуално, објаснува Трајкова.

Откако од Владата информираа дека преку ребаланс на Буџетот за 2025 година се обезбедени пари за ново покачување на пензиите. Така според документите што ги објави Министерството за финансии, просечната пензија ќе скокне за 2.130 денари, што значи дека голем дел од пензионерите ќе примаат над 21.000 денари месечно. Ова покачување ќе ги опфати сите 330.000 пензионери во државата.

Владата објасни дека зголемувањата се резултат на „добра наплата на даноци, стабилен раст и дисциплинирано трошење“. Економските аналитичари, пак веднаш излегоа со тврдење дека зголемувањето доаѓа „точно во изборна година“, и дека зад економските бројки стои политичка калкулација.

Б.С.

Слични содржини