Левица поднесе интерпелација за Коцевски

од Nikola Popovski
31 прегледи

Пратеничката група на Левица денеска на прес-конференција информираше дека поднела интерпелација за државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поради, како што посочија, нефункционалност, неажурност, политички влијанија и сериозни пропусти во работењето на Јавното обвинителство.

Пратеникот Сашко Јанчев ја образложи интерпелацијата, која се темели на четири основи:

1. Селективна истрага за трагедијата во Кочани – Според Левица, истрагата ги таргетирала само поранешните функционери од Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и други институции, додека актуелни носители на функции, биле изземени од постапките. Пратеникот Јанчев го спореди овој пристап со тоа „да се гони производителот на пиштол, а не оној што го повлекол чкрапалото“. Дополнително, тој укажа дека и дел од осомничените добиле простор од три месеци пред да бидат повикани, со што се оставила можност за влијание врз сведоци и докази.

2. Политичко влијание врз обвинителството – Јанчев потсети на јавната политичка конфронтација помеѓу владата и Љупчо Коцевски, во која беше најавена негова смена, но по отворањето на можноста за кривичен прогон на кадри на ВМРО-ДПМНЕ, постапката за смена нагло беше стопирана. Како што наведе, недостигот од кворум во Советот на јавни обвинители и негативното мислење за смена на обвинителот по интервенцијата на премиерот, го поткрепуваат сомнежот за партиски пазар.

3. Функционален хаос во Вишото јавно обвинителство во Скопје – Левица потсети на серија скандали поврзани со ова обвинителство, вклучувајќи случаи со обвинителите Хајрулахи и Цветановски, што го нарушува угледот на институцијата и ја покажува политичката инструментализација.

4. Непостапување по дивоградбите на урбаната мафија во Чаир – Како четврти основ, Јанчев го посочи игнорирањето на пријави за дивите објекти и фалсификатите во општина Чаир од страна на градоначалникот Висар Ганиу, кадар на ВРЕДИ. И покрај јавните обвинувања со документирани наводи за кривични дела, изнесени од градоначалничката Данела Арсовска, обвинителството не реагирало.

„Љупчо Коцевски е персонално одговорен за состојбите во обвинителството, согласно член 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, кој го обврзува да одговара пред Собранието за општите состојби во институцијата,“ изјави Јанчев.

Целта на интерпелацијата, како што појасни, е донесување заклучок дека наводите се основани, кој потоа ќе биде доставен до Владата за да ја продолжи постапката за смена на обвинителот Коцевски.

Слични содржини