Според најавениот протокол, протестот ќе вклучи 16 минути тишина во 19:11 часот – во чест на 16-те загинати во трагичниот пад на покривна конструкција на Железничката станица во Нови Сад. По интонирањето на химната, следуваат неколку блока студентски говори и доделување на симболичната награда „Црвен божур“, а крајниот рок за исполнување на барањата од Владата е поставен за 21 часот. Завршницата на протестната програма е закажана за 21:20.
Покрај главниот собир на Славија, студентите најавија организирано пристигнување од повеќе локации во Белград, со пешачење и групни движења од Трговскиот центар „Ушќе“, Тргот на Републиката, салата „Александар Николиќ“ и други пунктови. Одредени здруженија и граѓански групи започнаа со собирање уште од 15 часот.
Студентите бараат до 21 часот српската Влада да поднесе предлог до претседателот Александар Вучиќ за распуштање на Собранието. Дополнително, бараат итно запирање на паралелните собири во Пионирскиот парк и на Трг Никола Пашиќ. Нагласуваат дека протестот нема лидер и дека станува збор за колективно и одговорно дејствување во име на идеи, а не за поединечни интереси.
Во подготовка за протестот се објавени и совети за безбедност, вклучувајќи совети за заштита при евентуална употреба на солзавец и места каде ќе бидат поставени пунктови за прва помош – кај раскрсницата Лондон, на Булеварот краља Александра, кај Манеж, како и на улиците Немањина, Макензијева и Булевар ослобођења.
Организаторите предупредуваат дека е можно делење на лажни флаери и информираат дека официјалните материјали ќе содржат информации за идни активности и контакт преку мејл листа.
Додека трае студентскиот протест, српските власти организираат свечености по повод Видовден. Претседателот Вучиќ денеска во 10 часот во Палата Србија ќе додели одликувања, меѓу кои и за професори, судии, уметници и новинари. Владата на Србија ќе одржи свечена седница во Крушевац, а ќе биде положен и венец на Споменикот на косовските јунаци.
Протестот на Славија претставува кулминација на неделите на студентски блокади и демонстрации ширум Белград, во кои младите упатуваат порака дека сакаат поодговорна власт, институционална правда и – како што велат – вистинска демократија.