Патот Фариш-Дреново беше 90% направен, што ќе прави Владата кога ќе ги промовира сите проекти на СДСМ – прашуваат од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
52 прегледи

СДСМ, како што соопшти, со задоволство го одбележува завршувањето на експресниот пат низ Фаришката клисура – капитален инфраструктурен проект кој беше над 90% реализиран во времето на владата предводена од СДСМ. Овој патен правец, порачуваат од партијата, долг 10,2 километри и вреден над 33 милиони евра, е еден од најсложените проекти на оваа траса, со изградба на два тунели, 21 мост, вијадукт, галерија и други клучни конструкции – сите завршени со над 90% во мандатот на СДСМ.

-ВМРО-ДПМНЕ, по цела година власт, се слика на отворање на пат за кој само санираа едно свлечиште, поставија сигнализација и неколку огради. Толку. Но, најважно од сè – граѓаните од Прилеп, Битола, Ресен и целиот Пелагониски регион конечно добиваат современ и безбеден патен правец, важен за транспортот, економијата и секојдневниот живот.

СДСМ, како одговорна партија, инвестираше сериозно во патната инфраструктура: експресниот пат Градско – Дреново, реконструкцијата на Плетвар, патот Прилеп – езерото, автопатот Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10д. Тоа се реални резултати од нашата посветена политика за подобра инфраструктура и подобар животен стандард за сите, стои во партиското соопштение.

Од „Бихаќка“ прашуваат што ќе прави „Владата на ВМРО-ДПМНЕ кога ќе ги промовира сите проекти на СДСМ“.

Од денеска се пушта за сообраќај експресниот пат делница Фариш – Дреново, како дел од експресниот пат Градско – Фариш. Инвестицијата е вредна 44, 7 милиони евра и како што истакна вицепремиерот Александар Николоски, ова била втората најтешка делница за работа, после автопатот Кичево-Охрид.

„Навистина е големо задоволството што во ова лето, граѓаните од Тиквешкиот регион, од Прилеп, Битола, Ресен, Могила, Новаци, Кривогаштани и оние што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да го поминат дел од одморот, ќе можат да го користат овој експресен пат. Навистина честитки до сите кои беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг после автопатот Охрид-Кичево, ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Тунелите позади нас и планинанта позади нив  беа голем предизвик. Буквално планина се помести за да се изгради овој експресен пат и да е безбеден што е многу значајно. Ние решивме отворањето да се помести за неколку месеци со цел да имаме максимално безбеден експресен пат по кој граѓаните ќе можат да сообраќаат, но исто така и да ги отстраниме сите пречки кои што стоеа на реализацијата на овој пат.

Замислете претходната Влада не помислила дека ако цела карпа стои на патот дека е возможно во дадени временски услови недајбоже истата да се сруши и на патот. Затоа на крајот на минатата година заедно со Премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем, еве денеска е решен, ќе може да се види позади овие тунели дека планината не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбедниот начин за комуникација, што ќе значи од Скопје до Прилеп да се доаѓа за 1 час и 15, односно 1 час и 20 минути , а од Скопје до Битола да се патува за 1 час и 40 минути, а секако после реализацијата на автопатот Прилеп – Битола кој што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко“, порача Николоски.

Слични содржини