„Континуираните неприфатливи политики на кршење на правата на граѓаните со бугарски идентитет во Македонија ја потврдуваат постојната објективна потреба од финансиски обезбеден механизам за правна заштита и процедурално застапување во случаи на политички мотивирани гонења, манифестации на дискриминација, говор на омраза и злосторства од омраза на антибугарска основа“. Ова го наведува министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев како одговор на прашање од пратеник од редовите на бугарската коалиција „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“. Прашањето се однесува на средства за поддршка на бугарската заедница во странските земји.
Според Георгиев, бугарското МНР вложува постојани напори да обезбеди правна заштита за Бугарите од Македонија, а како случај го наведуваат екс-претседателот на згаснатиот клуб „Иван Михајлов“, Љупчо Ѓеоргиевски.
-Бугарската држава на највисоко институционално ниво е доследна во својата поддршка за Ѓоргиевски. МНР внимателно го следи развојот на правниот процес против него уште од самиот почеток – пред повеќе од две години, изјавил министерот.
-Бугарската страна ги смета правните постапки против Ѓоргиевски за политички мотивиран процес. За Бугарија, пристапот во кој се спроведува репресија врз граѓаните на РСМ кои се самоидентификуваат како Бугари и го бранат својот идентитет преку инструменти на институционален и судски притисок е апсолутно неприфатлив. Оваа позиција на нашата земја е соопштена доследно, систематски и јасно до сите наши меѓународни партнери. Бугарските институции остануваат непоколебливо посветени на гарантирање на правата на Бугарите во РСМ, вклучително и преку користење на сите меѓународни механизми во областа на човековите права, истакнува Георгиев.
Во 2025 година, од буџетот на Бугарија се издвоени 2.700.000 лева за спроведување на Програмата за поддршка на организациите на бугарските заедници од Албанија, Србија, Косово, Украина и Молдавија и на граѓаните на Македонија со бугарска самосвест.
-Бидејќи рокот на претходната програма истече на крајот на 2024 година, се очекува Советот на министри што е можно поскоро да донесе одлука за одобрување на нова програма со период на спроведување од 2025 до 2029 година. Новата програма предвидува постепено годишно зголемување на финансиските средства наменети за поддршка на бугарските заедници во земјите во нејзиниот опсег, додал шефот на бугарската дипломатија.