Од почетокот на јули, туристите што доаѓаат со крузери на грчките острови се оптоварени со дополнителни давачки – Грција воведе дополнителни такси за посетителите што доаѓаат со туристичките мегабродови, па во одредени случаи, прошетката може да ги чини до 20 евра, пишуваат грчки медиуми.
Преголемата посетеност од туристите предизвика бранови реакции во Грција по корона-кризата, кога локалните жители, но и некои туристички работници, се жалеа на преголем наплив на туристи, што ги загрозува основните животни активности во нивните населени места и драстично ги покачува цените.
Највисоки се износите на новите давачки за најпопуларните острови Миконос и Санторини – дури 20 евра по човек, но такси има и за другите острови. За посетата на другите острови ќе се наплаќа до 5 евра по човек.
Износите на дополнителните такси варираат. Наведените износи се за топ сезоната, додека во „мртвите месеци“ ќе бидат пониски – од 1 ноември до 31 март влезната такса за Санторини ќе изнесува 4 евра, а за останатите острови едно евро.
Фотографија: Image by Roman Grac from Pixabay