АХВ до Костадинов: Градоначалникот клевети, судската одлука не се однесува на проблемот со водата во Струмица

од Nikola Popovski
44 прегледи

Дрско и безобразно лаже и ја манипулира јавноста единствено првиот човек на Општина Струмица, Костадин Костадинов, во вчера објавениот ФБ статус во кој свесно ја клевети Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) дека предизвикувала страв и паника кај Струмичани, прогласувајќи ја за небезбедна водата за пиење, велат од институцијата откако вчера се огласи Костадинов и објави судска одлука.

Од АХВ велат дека „едно свесно заборави да каже струмичкиот градоначалник за судската одлука чиј дел јавно објави, а тоа е дека таа воопшто не се однесува на проблемот со водоснабдувањето во градот Струмица од септември и октомври минатата година, кога поради небезбедност беше забранета за употреба водата од градскиот водснабдителен систем со кој стопанисува јавното комунално претпријатие Комуналец Струмица“.

-Вистината која свесно ја скри струмичкиот градоначалник е дека судската одлука се однесува на обврската која ја има како прв човек на Општината да стопанисува со селската водоводна мрежа, со конкретната судска одлука, во селата Рич, Попчево, Белотино, Костирино и Вељуса.

АХВ е професионална и сериозна институција која навреме реагираше на негрижата и противзаконското постапување на Костадинов и Општина Струмица како исклучително надлежни за стопанисување со водоводната селска мрежа во овие села за кои требаше да обезбеди вода за жителите и истата да ја дезинфицира, а тоа не го стори, ниту во 2023, ниту во почетокот на 2024 година. Тогаш од страна на надлежниот инспектор по спроведениот вонреден инспекциски надзор по добиеното известување од спроведената Мониторинг програма на безбедноста на водата од Центарот за јавно здравје – Струмица, на 09.02.2024 година беше издадено решение за забрана за употреба на водата за пиење во овие 5 села поради отсуство на резидуален хлор во водата (неизвршено дезинфицирање на водата).

На операторот Општина Струмица со решението наредено и е да ја забрани водата за пиење во водоснабдителните објекти, водоводна мрежа во овие села, да се стави натпис со предупредување на жителите дека водата не е за пиење поради отсуство на резидуален хлор и да се изврши здолжително хлорирање на водата. По нареденото со ова решение Костадинов и Општина Струмица немаат постапено, по што АХВ како одговорна институција, на 26.02.2024 година, до Основниот суд во Струмица, поднела барање за поведување на прекршочна постапка.

АХВ нема да ја коментира судската одлука, но, Градоначалникот на Општина Струмица за кој изборната кампања за локалните избори очигледно е предвреме почната, мора да биде одговорен пред сопствените граѓани и гласачи. Да престане да ги лаже и манипулира како што тоа го направи во овој случај, а на жителите од селата Рич, Попчево, Белотино, Костурино и Вељуса чесно да им каже зошто минатата и предминатата година, како што стои и во одлуката на судот, ништо не презел за да им обезбедни питка, безбедна и согласно законските прописи, дезинфицирана вода за пиење“, стои во соопштението од Агенцијата.

Градоначалникот вчера објави судска одлука, според која, како што рече, АХВ лажела цела година, предизвикувајќи страв и паника кај населението од општина Струмица за наводна неисправност на водата.

Тој ја објави пресудата на Апелацискиот суд од Штип и како што напиша „ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да остават цел град без вода само за да предизвикаат криза која потоа ќе ја користат за сопствени политички потреби“.

„За рејтинг се спремни да ги лажат луѓето дека не треба да пијат вода. Срам, мизерија и ниски страсти. Водата е чиста, питка и биохемиски исправна.За ваквите лаги на АХВ општина Струмица и јас ќе поднесеме и кривична пријава до директорот на АХВ поради предизвикување на страв и паника кај населението кое иако имаше питка вода за пиење, му беше забранувано и беше плашено да не ја пие“, стои во објавата на Костадинов.

Слични содржини