Николоски за „France 24“: Бугарија ја злоупотребува својата позиција за да го блокира нашето членство во ЕУ

од Nikola Popovski
98 прегледи

„Вистина е дека го чекаме 25 години. Беше 2000 година. Бев во средно училиште кога добивме статус на асоцијација со Европската Унија за време на самитот (во Солун). Во 2005 година, веќе бев на универзитет, добивме статус на кандидат, а во 2008 година, ја добивме првата препорака за отворање на пристапни преговори. Во тоа време веќе бев член на парламентот две години. Денес се 25 години. Јас сум вицепремиер и сè уште не сме ги отвориле пристапните преговори. Постојат многу причини, но две се клучни“, вели вицепремиерот и министер за транспрот, Александар во интервју за ТВ Франс 24 (France 24) на англиски јазик за блокираниот европски пат на Македонија.

Според него, долго време имавме вето од Грција.

„Тоа беше решено во 2018 година. Потоа следуваше реформата на Европската Унија и блокадата на Франција во 2019 година. Штом беше решено во 2020 година, нашите драги пријатели од Бугарија решија да ни стават вето и оттогаш сме под вето на Бугарија. За жал, нашето соседство е такво какво што е“, вели Николоски.

Од француската телевизија го потсетиле вицепремиерот дека Европскиот парламент ја повикува Македонија да направи уставни измени и да го вклучи бугарското малцинство во Уставот. Со други зборови, велат оттаму, постои европски консензус кој бара уставни измени, а не само Бугарија.

Николоски одговорил: „Суштината на проблемот е што Бугарија го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз нас. Тие го занемаруваат нашиот јазик, нашата култура и нашиот национален идентитет. Постојат 14 одлуки од Европскиот суд за човекови права во Стразбур за македонското малцинство во Бугарија кои Бугарија не ги спроведува. Значи, од една страна, не го почитувате она што го кажува Европскиот суд, а од друга страна, ја злоупотребувате вашата позиција за да го блокирате соседот. Затоа сме заглавени“.

На забелешката на водителот на интервјуто дека Бугарија не е единствената одговорна за одложувањата во пристапувањето на Македонија во ЕУ и дека Европската комисија, во својот последен извештај за проширување, даде веројатно млака оценка, забележувајќи „одредено ниво на подготовка“ во клучните области, додека Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент зборуваше за „влошување на трендовите во корупцијата на високо ниво и ниска јавна доверба во судството“, вицепремиерот одговорил: „Се согласувам целосно. Оваа влада беше избрана пред една година, а најголемиот предизвик беше судството. Јавната доверба во судството е само 2 проценти, а ние не сме задоволни од нивото на судството и обвинителството. Ќе ги направиме реформите заедно (со ЕУ). Постои голема експертиза што доаѓа од Европската комисија што ја користиме за ова, и сме благодарни за тоа“.