Трагичната смрт на португалскиот фудбалер Диого Жота го потресе светот утрово, откако ѕвездата на Ливерпул загина во сообраќајна несреќа.
Целиот фудбалски свет сега се збогува со Жота, а се огласи и неговиот долгогодишен тренер Јирген Клоп, кој го донесе во Ливерпул.
Тоа беше пред пет години, кога Клоп одлучи дека Ливерпул ќе плати 45 милиони евра за да го донесе Португалецот, што се покажа како целосен погодок.
„Ова е моментот со кој се борам! Мора да постои поголема цел, но јас не ја гледам! Срцето ми е скршено кога слушнав за смртта на Диого и неговиот брат Андре. Диого не беше само фантастичен играч, туку и одличен пријател, грижлив сопруг и татко! Многу ќе ни недостигаш!“, напиша Клоп.
Тој ѝ понуди поддршка на сопругата на Диого, Руте, која има три деца со фудбалерот.
„Сите мои молитви, мисли и сила се со Руте, децата, семејството, пријателите и сите што ги сакаа! Почивајте во мир“, додаде Клоп.
Клоп работеше со Жота до пред една година, кога ја напушти клупата на Ливерпул. Португалскиот фудбалер беше шампион на Англија со Ливерпул минатата сезона, двапати го освои Лига купот и еднаш ФА купот.
Тој одигра 182 натпревари за „црвените“ и постигна 65 гола.