Мицкоски сериозно размислува за дополнителни даноци за немажени и неженети

од Nikola Popovski
150 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски објави дека Владата сериозно размислува да воведе дополнителни даноци за немажените и неженетите граѓани во државата. Тој ова го кажа говорејќи на дебатата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, која денеска се одржа во свечената сала во Владата.

„Се раѓаат помалку деца, населението старее, а младите се во потрага на подобар живот надвор од границите. И ние не сме исклучок, но нашата состојба е посебна. Додека некои држави ја забележуваат како тренд, кај нас се смета како аларм“, рече Мицкоски и додаде:

„Се надевам министерке Јаневска дека оваа година во читанките нема да биде јас, мама и тато, туку ќе биде јас, мама, тато, бато и дада“, изјави премиерот пред присутните во Влада.

Премиерот обвини дека проблемот не бил третиран соодветно од претходните влади, кои, како што рече, го ставале проблемот под тепих, наместо на него да гледаат како на сериозна закана. Додаде дека актуелната влада не го премолчува проблемот, туку го препознава, именува и се бори со него. Најави мерки и борба против падот на населението и наталитетот во државата.

„Затоа велиме дека е време за иднина, време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, повеќче млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои се иселени да се вратат. Едгар Моран рекол: Демографијата не е судбина, туку огледало. Прашањето е што ќе видиме во него, и дали ќе имаме храброст да дејствуваме“. Ние веќе гледаме и веќе дејствуваме, затоа што доаѓа времето на народот и граѓаните, и тоа нема да биде време на заминување, туку на враќање, не на тишина, туку на нови гласови, не на исчезнување, туку на раѓање“, изјави Мицкоски.