Групата БРИКС никогаш не работела на поткопување на други земји, порача официјален Кремљ денеска, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека ќе наметне царини од 10% на оние што се сложуваат со „анти-американската политика“ на БРИКС.
Трамп ја упати заканата вчера, на првиот ден на самитот на БРИКС, кој се одржува во Бразил.
Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Кремљ ја разбрал пораката, но дека БРИКС никогаш не бил против некоја трета земја.
„Навистина ги видовме таквите изјави на претседателот Трамп, но тука е многу важно да се напомене дека уникатноста на група како БРИКС е во тоа што станува збор за збир на земји што споделуваат заеднички пристапи и заеднички светоглед за тоа како да се соработува на темелелите на сопствените интереси. И оваа соработка во рамките на БРИКС никогаш не била и никогаш нема да биде насочена против која било трета земја“, рече Песков.