Лидерката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова бара заедничка работа на македонските партии во однос на европските интеграции на земјата.
-Единствено ми е криво по однос на ова се што се случува, во ред е ако известувачот проценил дека треба да го стави македонскиот јазик во самиот Извештај и во ред е да лобираме за сето тоа, но да биде предмет на некаква дискусија или квалификација за нешто што никогаш не било ставено во Извештај, едноставно за мене е недозволиво и не може да биде предмет на дискусија. Иако како партија постојано повивкувавме да се формира Совет во кој што ќе се координираат партиите кои членуваат во европските семејства за одредена национална стратегија и пристап, ние тоа не го направивме и не научивме на грешките од минатото. Порано Владата беше обвинувана дека „тера еднострана стратегија“, а сега не се поправаме, кажа Зајкова во емисијата „Само вистина“ за Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ кој треба деновиве да се изгласа во ЕП.
Претседателката на ЛДП вели дека била вклучена во процесот на лобирање и резултатот е таков каков што е.
-Македонскиот јазик останува гарантиран во Преговарачката рамка, имаме договор со Фронтекс кој што е склучен на македонски јазик, но треба да научиме дека едно е да лобираме во ад-хок ситуација, а друго е да имаме национална стратегија што сакаме да постигнеме со сето тоа што го лобираме. За мене не треба да е предмет јазикот, мене никој не може да ми каже каков јазик говорам или што ќе бидам. Едноставно Извештајот треба да се базира за напредокот на државата. Успех е што не се ставија одредени квалифакации, но треба да размислуваме што со Извештајот на Европската комисија каде што ќе се нотира колку сме постигнеле одреден напредок. Не гледам дека испорачуваме се од Реформската агенда. Добро е што и овој пат бевме сихронизирани да не дозволиме Бугарија да победи во нејзините барања, но смачено ми е кога одиме и поединечно се разговара, секој различно се интерпретира. За во Брисел треба да имаме единствен став и наратив кој што ќе го претставуваме, додаде Зајкова.